СУЗАНА СПАСОВСКА
ПО ПАТОТ НА МАКЕДОНСКАТА НАРОДНА ПЕСНА
„Бисерното грло на Македонија“, „Славејот на македонската естрада“, „Сузе Национале“, „Амбасадорот на македонската народна песна“, „Наледничка на легендата Васка Илиева“ се синонимите за името на Сузана Спасовска. Таа, која со својот оригинален сценски изглед, изразитата музикалност, филигрански изработената интерпретација, срдечноста во комуникацијата со публиката, успеа, уште на почетокот на својата кариера да засвети на естрадното небо, да стекне голема популарност и да се закити со статус на вистинска ѕвезда. Статус, кој како скоро никој друг во текот на изминатите три децении, постојано го одржува и го оправдува. Едноставно, Сузе е ѕвездата – најголемата ѕвезда на македонската народна песна.
А, се започна многу одамна…
Почетоците
Желбата за пеење, нашата фолк-икона ја поседува уште од најрана возраст. Живее и расте со љубовта кон музиката, кон пеењето… Како и сите музикални деца, започнува да пее уште во училишниот хор, за веднаш потоа, во својата 11-та година да се зачлени во детскиот хор „Развигорче“. Потоа, станува солист во Пионерскиот дом „Карпош“, па следува Младинскиот хор „25 Мај“, со што постепено го развива својот глас, усвојувајќи ги спецификите на вокалната техника и интерпретација, паралелно студирајќи на Економскиот факултет во Скопје, каде што и дипломира. Почетоците на нејзиното професионално занимавање со музиката се поврзани и со вокалната група „Сирма“, како и со групите „Калиопи“ и „Макакус“. Можеби денес е тешко да се замисли нејзиното членување во забавни групи, но факт е дека во тие години, нејзиниот интерес повеќе натежнувал натаму, за потоа, во „битката“ помеѓу забавната и народната, сепак да „победи“ народната. И, некаде во тој период, одот кон ѕвезденото небо, започнува…
Доаѓаат првите снимки за Продукцијата на МРТВ, настапот на манифестацијата „Студентско лето ’87“ во Маглај, Босна и Херцеговина од каде се враќа со две награди, првите патувања во Австралија, Канада, Германија, Шведска… Доаѓа и првата касета со десет нови, новосоздадени песни, а доаѓа и првиот настап на „Валандово ’88“, со „Води ме во рај“…
Сузана забрзано чекори, убедливо освојувајќи ги новите хоризонти на животниот и естраден космос…
Се создава митот за „Сузе Национале“
Крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години за кариеарата на Сузана Спасовска се мошне значајни. Популарноста и станува се поголема, публиката е неизмерно желна за нејзините настапи и се повеќе ја бара… Редовно, тема на муабет се нејзините песни, нејзините настапи, и секако, она без што чаршијата никогаш не може – нејзиниот приватен живот. После секое појавување на ТВ екраните, се зборува за нејзината гардероба, а посебно се очекувани и нејзините настапи на раните изданија на Фолк фестот „Валандово“, кога публиката, најмногу од се, ја интересира „како ќе биде облечена Сузана Спасовска“. А, таа, секое свое појавување го зачинува со доза на екстравагантност и оригиналност, носејќи високи потпетици, високи чизми, мини здолништа, перики во разни бои, впечатливи и невообичаени креации од работилнцата на нејзината мајка и тн. И, секогаш, одново и одново, предизвикува изненадување и голем интерес. Тогаш всушност, се создава митот за нејзе. Тогаш, се раѓа „Сузе Национале“…
Во тој период, соработува со најголемите имиња на македонската народна музика. За неа, песните ги пишуваат Мате Грујовски, Димитар Чемков, Љупчо Трајковски – Фис, Хилми Билбил, а можеби најмногу и најдолго, Тодор Трајчевски. Настапува на сите фестивали, како што се „Валандово“, „Цветници“, „Гоце-фест“, „Интер-фест“, а редовен учесник е и на официјалниот „Фолк хит на годината“. Согласно нејзиниот темперамент, нејзината младост и полетност, а паралелно и со сценскиот имиџ, пее брзи и весели песни, кои редовно, скоро без исклучок стануваат хитови кои се пејат низ целата држава, а и надвор, помеѓу иселениците во дијаспората, каде што е чест и омилен гостин. Незаборавни и длабоко врежани во меморијата на публиката се хитовите од тоа време, како „Зошто лажеш, зошто мамиш“, „Чудна судба“, „Кога љуби мома млада“, „Марко, Марко“, „Јас бев твоја робинка“, „Бегај ѓаволе“, „Супер пар“ и многу други. Помеѓу нив, во својот сопствен стил на изненадување, неочекувано ја вметнува и сосема различната од се дотогаш испеано, сега веќе легендарната „Ти верував до крај“ од „Цветнци ’93“, која мнозина ја нарекуваа и „мини-симфонија“, а со која дел, „открија“ и дека умее да пее.
Во духот на атрактивноста и сериозното градење на кариерата, во првата половина на 90-тите, Сузана Спасовска издава и два хитовски албуми, „Јас бев твоја робинка“ и „Стара мајко“, кои интензивно се вртат по телевизиите и радио станиците. Излегувањето на секој од овие албуми, го придружува со одржување на солистички концерти (два, еден по друг во ’92 и рекордни, четири последователни во ’94 година) во Универзалната сала во Скопје. Уште еден куриозитет: таа е првата и засега единствена пејачка за која е напишана театарска претстава – со бомбастичен налов „Кој ја уби Сузана Спасовска“, претставата го привлекува вниманието на целата јавност, бележејќи огромна посетеност, како во Скопје, така и на турнејата низ градовите во внатрешноста. Покрај тоа, одржува и солистички концерт во „Домот на синдикатите“ во Белград, рушејќи ги бариерите и стереотипите за неможноста за одржување на концерти на пејачи од народната музика во Србија.
Маестрални интерпретации
Со завцрстувањето на врвот на македонската естрада, одлучува својата кариера да ја нијансира со бојата на лириката, она што всушност, и најмногу му одговара на нејзиниот лирски глас. На крајот на ’95 година, на свечениот концерт по повод 25 годишнината на ревијата „Екран“, во блажена состојба (само еден месец потоа, на свет доаѓа нејзината ќерка Теона), најпрво a capella, а потоа и во придружба на соло-виолина, вдахновено ја изведува народната „Параходот ми пристигна“, оставајќи ја без здив цела Македонија, која тој настан го следеше преку директниот тв-пренос. Како што во претходните години, утрото по настапите се зборуваше за нејзиниот изглед, овој пат, цела нација зборуваше за нејзинот глас и нејзината вонсериска интерпетација. И, тоа е вовед во она што ќе го одбележи нејзиното натамошно делување…
Албумот „Старорадски бисери“ претставува вистинско освежување во нејзината кариера, во кој со кристално нежната изведба, овековечува дел од најубавите македонски народни песни. Нејзината оригиналност, ја води и до одржување на целовечерен солистички концерт во Универзалната сала, повторно кршејќи ги стандардите, конципирајќи програма исклучиво со староградски песни.
Паралелно со негувањето на староградските бисери, на фестивалскте сцени ги изведува можеби и нејзините најубави… Оние, во кои бисерниот глас, најмногу и доаѓа до израз, а со интерпретацијата ги освојува и најтврдокорните… Тоа се широката „Свири Драгане“, лирско-битовата „Печалбарска балада“, тешката „Колку ми е мерак“, нежната „Стојане, сто те убиле“, раскошната „Рибарот мој“, родољубивата „Земјо моја“, љубовната „Подај рака“, и, можеби најмногу и најзабележително, длабоката и невообичаена „Опомена“, која ја пее на Изборот за песна на Евровизија ’98, кога (и, буквално), ги остава без здив сите гледачи ширум државата и докажува дека е неприкосновено, број 1.
При тоа, издава уште еден албум, „Песно, развесели ме“ со кој, на верната публика не и го ускратува задоволството да ужива во нејзиниот брз ритам, за нескротливиот темперамент и потреба за одење во екстремни крајности, одеднаш да ја преточат во мега-хитот од крајот на ’90-тите, турбо-ориентираната „Џингрлака џикицак“, која со огромна брзина го освои етерот и со која Сузана покажува дека е се уште таа, истата, атрактивна и трендовска Сузана.
Природна трансформација… По патот на родољубивата песна
На самот крај од стариот милениум, настапува како гостин на прошталниот концерт на легендата на народната песна Васка Илиева, изведувајќи ја тешката и вековно болна македонска „Судбо моја“. На овој концерт, Васка Илиева и го остава аманетот да продолжи по нејзиниот пат и да ја пее македонската песна секаде низ светот. Овој настан и прифаќањето на аманетот од тетка Васка, недвосмислено го одредуваат понатамошниот пат на Сузана. Во таа насока, почетокот на новиот милениум го одбележува со објавувањето на албумот „Бомба“, кој го конципира дводимензионално – со композиции во манирот на жесток турбо-фолк и со песни со родољубива тематика, покажувајќи уште еднаш дека единствено таа може да си го дозволи она што другите не го можат – необичен и нестандарден жанровски микс. Албумот како најголем хит ја лансира темата „Гордо Македонијо“, која во тие судбински денови за нашата татковина, самата го наоѓа патот до публиката. И, случајно или не, кариерата веќе сигурно тече во тој правец…
„Стани Македонијо“, „Лешочките камбани“, „Навек векуваш Македонијо“, „Пусти да се тие граници“, „Родно огниште“, „Столетна“, „Александар е цар македонски“, „Пеј, Бистро пеј“ (во дует со Наум Петрески), се само дел од мноштвото испеани родољубиви песни, кои постепено стануваат нејзин заштитен знак. Парелелно, ја негува и трудовата тематика, вткајувајќи ја истата во песните „Здравоживо, домаќини“, „Бериќет“, „Празнична“ и тн., на чија музика и самата е автор, отворајќи со тоа уште едно поле на креативност. Автентичниот, традиционален звук, застапен првенствено преку инструментариумот, од кој, зурлата, гајдата и тапанот се веќе неизбежни во нејзините аранжмански решенија, се појасно го обликува новиот имиџ на Сузана. На ваквиот тек, логично се надоврзува и двојниот албум „Здравоживо, домаќини“ и „Песни за татковината“, каде што ги обработува токму овие тематики.
Трансформацијата во музичкиот концепт, логично ја наметнува и промената на сценскиот изглед, кој веќе визуелизира една нова Сузана, која сепак, во ниту еден момент не отстапува од својата оригиналност и посебност.
Може да се каже дека во овој период, мошне активно делува на полето на дискографските изданија, самостојно, но и во соработка со други колеги. Така, заедно со Вако Лазаров, во Бугарија го снима албумот „Балканска вистина“, со повеќемина колеги учествува во реализацијата на албумот „Антологија на македонската чалгија“, а значаен придонес има и во аудио и ДВД албумот „Танец и пријателите“. Всушност, во овој период, се поинтензивно настапува како солист на концертите на Ансамблот за народни песни и игри „Танец“, збогатувајќи ги истите со својата врвна интерпретација на изворните и староградски песни. Еден од најзначајните настапи во тоа време е секако, настапот во Опера хаус во Сиднеј, по повод 100 годишнината од Илинденското востание.
Покрај споменатите, кон крајот на првото десетлетие од овој век ги издава и ДВД албумот „Македонски бисери“, како и аудио албумот „Празнична“, артикулирајќи со тоа, прилично богата издавачка активност.
Она што исто така посебно го одбележува овој период од нејзината кариера се и посветените композиции. Во повеќе прилики, во манирот на голем уметник, својот глас и отпеаните стихови им ги подарува на повеќе личности, но и на една институција. Така, непосредно по неговата трагична смрт, „Тага Балканска“ му ја посветува на миленикот на сите генерации Тоше Проески, во „На бисерот, бисерите“ ја опејува македонската фолк легенда Гоце Николовски, со „Седум бигори на Македонија“ музички ги овековечува загинатите бранители, „Бисера“ и ја подарува на штотуку родената ќеркичка на пријателот и соработник Борче Брзанов, нешто подоцна, преку „Вечнаја памјат Владико Кирил“ му оддава почит на упокоениот Владика Кирил, а „Послание“ пак, ја отпејува во чест на 40 годишнината од автокефалноста на МПЦ. Сузана тоа го прави со префинето изнијансирана доза на сентименталност, искреност и автентична оригиналност.
А, посебно изразеното чувство за креативност и оригиналност го внесува и во еден дел од другите фестивалски настапи, креирајќи ги при тоа истите во форма на мини-музички драми, буквално пренесувајќи го театарот на сцената, приредувајќи и на публиката повеќеслојни аудио-визуелни перформанси – монолошки во „Печалбарска елегија“ на „Лешочки фолк фест“ и ансамблови во „Мојата земја“ и „Бериќет“ на „Роса“, и секако, можеби и најмногу, во „Македонска крвава свадба“ на „Гоце фест“, каде во придружба на членовите од АКУД „Мирче Ацев“, во неколку минути музичко-сценски ја „прераскажува“ битовата драма на Војдан Чернодрински.
Тој пак, театарот, повторно „ја повикува“ кај себе, на неговата сцена. Овој пат, како специјален гостин во насловната улога на култната камерна комедија „Ќелавата пејачка“, на Ежен Јонеско. Сузана, со целото свое чувство за артизам, многу лесно и природно успева да и се наметне на театарската публика, чинејќи нераскинливо јадро со дејствието во претставата и уште повеќе, со професионалните актери.
Посебно издвојувајќи ги мошне успешните настапи и гостувања од овој период, со посебен пиетет треба да се подвлечат специјалниот настап со „Ајде сонце зајде“, „видена“ во рок варијанта, на концертот на „Леб и сол“ во Метрополис Арената во Скопје, како и изведбата на истата композиција во придружба на симфониски оркестар, на отворањето на манифетацијата „Денови на македонска музика“, во организација на Сојузот на композиторите на Македонија. Во овој контекст, секако треба да му се отстапи простор и на нејзиниот мошне забележителен настап помеѓу „забавњаците“, на уште едно издание на „Скопје фест – Изборот за песна на Евровизија 2010“, каде ја изведува етно-поп-класичната балада „Бог го има секој клуч“.
Солист првенец во „Танец“, 30 години кариера…
Потребата од трагање по новото, желбата за постојана работа, како и интересот во сферата на народната музика, последниве неколку години, Сузана ја втурнува во други професионални полиња, официјализирајќи го целото тридецениско искуство стекнато на естрадата, во повеќе инстиуционални форми. Така, во 2010 година ја отвора музичката продукција „С Национале“, чија цел е промовирање и афирмација на македонската новосоздадена и традиционална македонска музика, а која работи на реализација на повеќе успешни проекти. Еден од нив е и циклусот емисии „Здравоживо, домаќини“, снимени на различни локации низ Македонија, со учество на најпознатите имиња од македонската фолк естрадата. Исто така, посебно успешно продукцијата ги организира и солистичкиот концерт по повод 10 годишнината од смртта на легендата на македонската изворна музика Васка Илиева, заедно со Националниот ансамбл „Танец“ и дел од македонската естрада, потоа концертот под мотото „Македонско име нема да загине“, заедно со КУД „Гоце Делчев“ од Скопје, а по повод заштитата на македонскиот национален и културен идентитет, на кој учествува врвот на македонската естрада, како и хуманитарниот концерт одржан во Охрид, во чест на покојниот естраден уметник Секула Пупиноски. Покрај тоа, продукцијата се јавува и како музички организатор на неколку изданија на фестивалот „Етно Фест“ година, во рамките на Културно лето „Три Круши“ на општина Кисела Вода, а организатор е и на фестивалот „Лешочки Фолк Фест“.
Покрај тоа, со својот музички авторитет, Сузана ја извршува и функцијата уметнички директор на последните неколку изданија на „Лешочкиот Фолк Фест“, како и на две изданија на „Илинденски Етно Фест“.
Тридецениската актива во негувањето на македонската народна песна, во 2013 година го официјализира и со вработувањето во Националниот ансамбл за песни и игри „Танец“, како солист првенец. Со тоа, нејзиниот глас е присутен на сите концерти на „Танец“, во, и надвор од нашата земја, презентирајќи го на најдобар можен начин непроценливото богатство на вокалното народно творештво, преку изведба на најпознатите традиционални песни, но истовремено откривајќи и на јавноста и голем број подзаборавени, а неретко и досега нечуени стихови.
Паралелно со обврските во „Танец“ и организирањето на „Лешочкиот фестивал“, Сузана Спасовска интензивно работи и на задоволувањето на апетитите на нејзината верна публика, реализирајќи повеќе аудио изданија – двојниот албум („Сполај ти Боже“ и „Македонски бисери“), албумот со авторски песни на Гоце Џуклески „Тоа сме ние“, албумот „Македонски бисери 3“, како и албумот „Виолина и глас“ со З. Џорлев.
Токму овој албум, концертно го промовира на сцената на возобновениот Македонски народен театар, приредувајќи невообичаена и секако, незаборавна вечер. „Зборувајќи“ само преку музиката, таа вечер Сузана, во придружба на виолината на Зоран Џорлев и гудачко трио, интерпретира десет композиции, чии аранжмански срочени низ визурата на класичната музика.
Триесетте години поминати на македонската естрада, во 2016 година ги одбележува со голем солистички концерт, одржан на сцената на Македонската опера и балет. Повеќе од три часа Сузана пееше и се дружеше со публиката. Повеќе од три часа ја „раскажуваше“ својата музичка приказна, водејќи ги присутните низ сите нејзине триесет години, низ сите нејзини музичко-сценски трансформации, дарувајќи им ги своите најголеми хитови. Тоа беше вонсериски концерт, каде моќниот вокал на Сузана ги изведе нејзините најпознати љубовни, родољубиви и турбо-модерни песни, комбинирани со интерпретација на староградски бисери, оперска арија и традиционална кинеска музика, чиј јазик и култура последниве години се предмет на нејзин голем интерес, изучувајќи ги на студиите на Институтот за кинески јазик „Конфучие“ при Унивезитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Кариерата на Сузана Спасовска не мирува. Таа постојано работи, интензивно и посветено. На својата публика, има да и раскаже уште многу нешта, да и испее уште многу песни, да и подари уште многу концерти. Како впрочем, и сиве овие изминати години. Бидејќи, тоа е Сузана!